Над 50 здравствени работници се оздравени и вратени на работа во Кумановската болница
Над 50 здравствени работници, од вкупно 70, кои беа заразени во Кумановската болница веќе се вратени на работа, кажа министерот за здравство Венко Филипче.

„Сите се тестирани, сите имаат два негативни теста, согласно критериумот, сите одделенија во болницата нормално функционираат. Во контекст на ова, да информирам дека од 235 здравствени работници, кои се дијагностицирани од почетокот на епидемијата, 184 се оздравени и голем дел од нив се веќе вратени на своите работни места, што овозможи повеќе институции во коишто работата беше успорена, компромитирана или целосно не функционираа, веќе се целосно во функција, како одделенијата на Детската клиника, Институтот за рехабилитација и болницата во Куманово“, изјави министерот Филипче.
Министерот Филипче истакна дека во текот на утрешниот ден, ќе се одржи состанок со директорите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за постепено враќање на работата на клиниките во нормала, со нешто изменет терк на закажување преку системот „Мој термин“. Планирано е, да се ревидира и измени времетраењето на прегледите за да се избегне гужвата во амбулантите, како и задолжително воведување на е-амбуланта, таму каде што може, и соодветно закажување на снимањата, како на Рендген институтот, така и во другите болници каде има дијагностички апарати.