Наскоро започнува реконструкција на „Искрин мост“, вредноста на проектот 118 милиони денари
По добивањето на решението за изменет режим на сообраќај на магистралниот пат Куманово-Свети Николе ќе се отпочне со интензивни градежни работи за целосна реконструкција на т.н. „Искрин мост“ на реката Пчиња во Куманово.

Во моментот се прават пристапни патишта и се носи механизација за изведување на градежните работи.
За реконструкцијата на овој мост, кој се смета за еден од најдолгите во државата со должина од 335 метри, Јавното претпријатие за државни патишта има одделено 117.462.949,00 денари.
Од претпријатието соопштуваат дека фирмата изведувач од 1 јуни е воведена во работата и од нивна страна е поднесено барање до Министерството за транспорт и врски за издавање на решение за изменет режим на сообраќај во тек на работата. По добивањето на решението ќе се започне со негова санација.
„Најпрво ќе се започне со санација на темелите, санација на столбовите по целата висина што подразбира нивно појачување со нов бетон и арматура, ќе се изврши промена на старите лежишта со нови еластомерни лежишта. Во горниот строј на мостот предвидено е зајакнување на главните и попречните челични носачи, зајакнување на постоечката армирано бетонска коловозна плоча, изведба на нова хидроизолација, изведба на нов асфалтен слој, изведба на нови тротоари, изведба на нови дилатации и поставување на нова еластична ограда по ЕН–стандарди со што ќе се заокружи комплетната санација на мостот“, велат за Кумановоњус од претпријатието.
Фирма изведувач задолжена за реконструкција на мостот е ДГП „СИНТЕК ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ-Скопје, а рокот за завршувањето на целосната реконструкција е 24 месеци.
Овој мост во Куманово е во очајна состојба, а граѓаните на социјалните мрежи постојано споделуваат слики од мостот на кои може да се забележи како се гледа реката под мостот и бараат од државата да преземе итни мерки, бидејќи претставува закана за сите возила коишто поминуваат на магистралиот пат Свети Николе.
Минатата година беше реконструиран патот Куманово- Свети Николе во должина од 43 километри.
(Ф.Марковска)