Нема да се наплаќа паркинг кај градскиот базен, тврди градоначалникот Димитриевски
Општината Куманово нема да го наплаќа, туку само ќе го преуреди паркинг просторот кај градскиот базен.

Ова денеска го соопшти градоначалникот Максим Димитриевски, по информациите во јавноста дека ќе се прошири зоната за паркирање во останатите делови на градот.
- Паркингот просторот, за кој деновиве гласно се зборува во јавноста, којшто е изграден во функција на спортските објекти кај спортската сала, нити е планирано, а нити пак ќе биде предмет на некаква наплата, од страна на ЈП „Куманово-паркинг“. Доколку се донесе таква одлука првенствено треба да биде донесена на Советот на Општина Куманово, од моја страна нема таква иницијатива. Општината на таа локација планира да го врати стариот сјај, со реконструкција на сите постоечки објекти, коишто се вратени во владение на Општина Куманово. Планираме да ги вратиме старите кошаркарски терени, но притоа и да изведеме одредени рампи за да ги спречиме сите оние коишто го кршат законот да ги паркираат своите тешки товарни возила на оваа локација. Со тоа дел од паркинг просторот ќе се користи повторно за слободно паркирање на граѓаните, а останатиот дел ќе се користи во функција на спортот, на самите спортски терени коишто ќе бидат изградени веднаш по дислокација на лизгалиштето. Дополнително ќе се стави во функција и во попладневните часови, бесплатно да се паркираат возила на таа локација, кога се одвиваат одредени спортски натпревари, - изјави градоначалникот Димитриевски.
Објаснувањето на градоначалникот уследи, откако од ЈП „Куманово-паркинг“ беше најавено дека ќе се прошири зоната за паркирање на градот. Тоа наиде на осуда кај дел од граѓаните на социјалните мрежи, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ го искористи за да ја нападне локалната власт дека не ги штити интересите на граѓаните, иако само пред четири месеци на седница на Совет бараше да се прошири зонското паркирање и во другите делови на градот, а не само во централното градско подрачје.