Нема нови случаи на заразени со корона вирусот, поригорозни мерки за патниците од Италија
Сите патници што се враќаат од Милано и Венеција со авионите на „Визер“ од денеска на аеродромите во Скопје и Охрид ќе треба писмено да остават информации каде ќе престојуваат во Македонија, најави министерот за здравство Венко Филипче.

- Согласно со тоа дека има новозаболени низ Европа, а особено во северна Италија, се одлучивме на овој чекор. Патниците пополнуваат ваква картичка во авионите и ќе остават податоци со адреса од земјава. Доколку се јави патник со симптоми на коронавирус, ќе биде лесно да ги најдеме сопатниците кои седеле во близина, - кажа Филипче.
Министерот додаде дека во последното деноноќие нема нови пријавени пациенти за тестирање за короноавирус, а тројцата од вчера попладнето немаат коронавирус. Единствената пациентка која се лекува на Инфективната клиника во Скопје секој ден се чувствува сѐ подобро.
Властите апелираат да не се патува ако не е неопходно во Италија, и сите кои се враќаат во земјава од критичните региони да бидат совесни и да се придружуваат до препораките за заштита.
Во однос на препораката за неодржување на масовни јавни собири, таа важи до 6. март. Ние имаме секојдневно состанок на нашата група. Ќе ги евалуираме сите работи, сите податоци. Веројатно во текот на утрешниот ден попладнето, или рано наутро во петок, ќе излеземе со нова препорака, согласно најновите информации со состојбата не само кај нас, туку и во земјите од регионот. Уште еднаш упатувам апел до граѓаните, да се придржуваат до мерките за заштита и превенција од корона вирусот. Апелирам повторно доколку не е нешто итно и неодложно да не се патува во ризичните региони заради тоа што тоа е најважна мерка со којашто се грижиме за здравјето на нас самите, на нашите блиски и генерално на сите граѓани во државата“, рече министерот Филипче.