Нема заинтересирани за добивање на субвенции за уредување на дворовите пред стамбените згради во Куманово
Ниту еден управител или здружение на станари не поднеле апликација за добивање на субвенции од Општина Куманово, наменета за партерно и хортикултурно уредување на дворовите пред зградите.

Во јавниот повик кој е објавен пред четири месеци беше наведено дека секое поединечно барање може да добие до 80 илјади денари и дека тоа ќе изнесува до 80% од потребната сума за урбано уредување на околината на колективните стамбени објекти.
„Одржавме неколку состаноци на кои управителите на зградите ги запознавме со овој проект и условите кои треба да ги исполнат за да добијат субвенција, парични средства од општината за да се хуманизира и оплемени просторот околу зградите во градот. Но, не покажаа никаков интерес за овој проект, а причините зошто не ми се познати“, изјави Лидија Ланг Спасовска, раководителка на секторот.
Повикот беше објавен кон крајот на март, а замислата е да се помогне и да се иницираат жителите самите, по сопствени потреби, желби и знаења да си го средат просторот во кој би се разладувале во вечерните часови .Сликата за околината на зградите би била поубава и попривлечна, па и Куманово би заличило на средено и урбано место за живеење.
За одржување на веќе средениот двор би биле задолжени самите станари.
„Затоа и сумата покрива 80 проценти, сметавме дека доколку станарите и самите вложат некој денар поодговорно ќе се однесуваат кон цвеќињата, зелените површини и клупите доколку би ги поставиле. Првично вложениот труд не би дозволиле да пропадне, па ќе се погрижат и за наводнување, кастрење, косење- се она што подразбира работа во дворот.А со повеќе раце се вложува помалку труд и побрзо се завршуваат обврските.За жал,граѓаните не се заинетерсирани“, истакнува Ланг Спасовска.
Секторот за комунални работи смета дека направил многу во поглед на информирањето на јавноста: јавниот повик беше објавен во локалните медиуми, за целото време од неполни 5 месеци информацијата е достапна на официјалниот општински сајт а и одговорните лица-стамбени домари се информирани и целосно упатени по ова прашање.
Општина Куманово одвои 400 илјади денари за уредување на дворните површини околу стамбените згради и годинава за прв пат беше предвидена имплеметација на еден ваков потфат. Јавниот повик е отворен до 30 ноември, но се чини дека сите предвидени средства ќе бидат пренаменети за други комунални потреби на градот.