Мени

Невиден преседан е одлуката на судот Груби да заврши во куќен притвор, смета Димитриевски

24.02.2026 15:33 | KumanovoNews

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е и претседател на Движењето ЗНАМ, денеска изјави дека одлуката на судската власт Артан Груби да заврши во куќен притвор претставува невиден преседан.

 

Невиден преседан е одлуката на судот Груби да заврши во куќен притвор, смета Димитриевски

Според него, тоа само ги потврдува неговите лични ставови, како и ставовите на партијата, дека системот е нефункционален.

„Недозволиво е лице кое подолго време било во бегство да се врати во државата, да му се изрече мерка притвор и по распитот да си замине дома. Сериозна држава не смее да си дозволи вакви преседани, но им оставам на институциите на системот да се позанимаваат со ова прашање. Тоа значи дека и Советот на јавни обвинители, како и Републичкиот судски совет, ќе треба целосно да ги разгледаат овие постапки и, доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционираат. Во спротивно, ништо нема да се промени. Ако сакаме во Европа и ако сакаме да напредуваме, ќе мора да ги применуваме европските вредности, особено во делот на поделбата на власта и правдата во државата“, изјави Димитриевски.

По 14 месеци бегство во Косово Груби вчера сам се предаде на полицијата на граничниот премин Блаце. Покрај Груби осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“, кој е во бегство.

На новинарско прашање дали тоа што Груби се врати истиот ден кога и Сашо Мијалков е скриена порака од судската власт, Димитриевски рече дека тие се во иста група.

„Мијалков денес го гледаме како слободен граѓанин, а дополнително и Груби дојде да се соочи со правдата. Но, за жал, мене како граѓанин ваквото однесување и одлуката за куќен притвор не ме задоволуваат. Дали тоа е исправно, треба да ги прашате нив, бидејќи сепак целата постапка ја води таа независна судско- обвинителска власт.“, рече Димитриевски.

На прашањето дали, доколку министерот за правда Игор Филков, кој е од ЗНАМ, биде разрешен, тие ќе излезат од власта, Димитриевски одговори дека засега нема најава за реконструкција на Владата од мандатарот и дека е задоволен од неговата работа, при што тој ја ужива неговата целосна поддршка.