Невладина организација продава кафе и сок на Градскиот кеј
На Градскиот кеј во Куманово, поставена е куќичка - штанд за продажба на кафе, сладолед, освежителни пијалци, сок и вода.

Штандот е закупен за еден месец од невладина организација „Симбиоза мултиетникум“ од Скопје, а средствата од продажбата ќе бидат донирани за справување со вирусот ковид-19, тврдат од Општината.
„Здружението на граѓани за мултиетнички живот и развој на општество „Симбоза мултиетникум“ со одобрение добиено од Општината ќе го користи штандот на градскиот кеј за промоција и продажба на нивните производи, а средствата ќе бидат донирани за помош на ковид-19. Штандот ќе биде поставен четири месеци, а првичниот договор на здружението е месец дена, за чие користење ќе се плаќа закуп на Општината“, велат од Секторот за комунални дејности во Куманово.
Вакви објекти вообичаено поставува ЈП „Пазаришта“ Куманово, кое е надлежно да организира базари, обично за новогодишните и осмомартовските празници.