Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за внатрешни работи, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжува со активностите „Безбедно лето“ со цел да се подигне нивото на сообраќајна култура и на тој начин да се намали бројот на жртви во сообраќајот.
Денеска во Куманово беше спроведена превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно, вози одговорно!“.
„Оваа кампања што денеска ја спроведуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Минатата година имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем оваа бројка значително ќе ја намалиме“, изјави помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски.
Во 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првата половина на 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првата половина на 2022 година има 44 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 58.
Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
Дејан Андоновиќ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потенцира дека овие кампањи имаат за цел да ја подигнат јавната свест и сообраќајната култура
„Со летните темпператури, но и со зголемените цени на горивата, на улиците е забележливо големо присуство на велосипедисти, луѓе кои се движат со мопеди, но од поново време и со електрични тротинети. Мошне е важно оваа категорија на учесници во сообраќајот да внимаваат како се однесуваат во сообраќајот, и во рамките на правилата и прописите да се движат во пропишаните места и со пропишана брзина на движење“, рече Андоновиќ.