Нови спортски комплекси и игралишта во сите делови на градот, најави Филиповски
Кандидатот за советник од листата на Движењето ЗНАМ, Синиша Филиповски, денеска на прес конференција ги најави новите проекти во спортската инфраструктура кои ќе се реализираат во наредниот период.

„Ќе се вложи во нови спортско-рекреативни комплекси и модерни игралишта во сите делови на градот. Велосипедски и трим-патеки, street workout зони и адреналински парк за младите. Проширување на програмите за стипендии и награди за талентирани спортисти и ученици.Услови за спорт и рекреација во секое училиште, со функционални сали, уредени дворови и училници на отворено“, кажа Филиповски.
Тој, потенцираше дека целосно ќе се реконструира Соколана - проект кој веќе е во тек. Ќе се постави и нов систем за греење и ладење за Спортската сала, ќе се реконструира спортскиот комплекс во поранешниот Дом на АРМ со мултифункционално игралиште, опрема и трибини. Дополнително, планирана е обнова и доопремување на спортските сали во повеќе училишта во градот и околните места што и припаѓаат на општината. Нашата заложба, нагласи Филиповски, е спортот да биде достапен за сите - за децата, за младите, за професионалците и за постарите генерации. Спортот обединува, гради тимски дух и нè учи на фер игра.
Филиповски потсети на проектите кои се релизирани во изминатите осум години, како што е реконструкцијата на спортската сала, која сега има професионален под по ФИБА стандарди, модерно озвучување, осветлување, семафори и нови реквизити. Додаде дека се изградени и обновени спортски игралишта во повеќе населби, создадени се услови за стотици деца и млади за секојдневно да тренираат, да се развиваат и да растат во здраво опкружување. Поддржани се повеќе од педесет спортски клубови, организирани се стотици спортски настани.