Од петок се отвoраат границите и аеродромите без никакви ограничувања
Владата денеска донесе одлука од петок, целосно да бидат отворени сите гранични премини за непречено движење на патници и возила, врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести.

Нема да има приложување на ПЦР тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин, информира премиерот Оливер Спасовски.
„Владата денеска донесе одлука од петок, 26 јуни, да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни“, соопшти премиерот Спасовски.
На денешната седница Владата донесе одлука, исто така од петок, 26 јуни, угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа.
Од петок, 26 јуни 2020 година, се дозволува и работата на теретаните и вежбалните, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
За сите овие одлуки до петок, 26 јуни 2020 година, кога започнува нивната важност, ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки.