Од „Пиано престиж“ до „Софтмак“ ќе се вози во една насока откако ќе се реконструира „Моша Пијаде“
Дел од улицата „Моша Пијаде“ ќе стане еднонасочна за сообраќај откако ќе заврши нејзината реконструкција.

Советниците денеска го прифатија предлогот за измена на сообраќајниот режим од улицата „Пиринска Македонија“ до крстосницата со „Вера Которка“. Поради широчината на коловозот ќе се обезбеди паркирање од едната страна на улицата.
„Беа одржани неколку јавни расправи преку Секторот за евроинтеграции, и месното население се сложи улицата да биде еднонасочна, од „Пиринска Македонија“ до „Вера Которка“, така да тука може да има надолжно паркирање. Ова ќе биде имплементирано по целосна изградба на „Моша Пијаде“. За овој сообраќаен проект има согласност од МВР, изработен е од лиценцирана фирма, со позитивна ревизија“, објасни пред советниците Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Секторот за комунални работи.
Возилата на оваа улица можат да се движат само од крстосницата кај зградата „Пиано престиж“ кон центарот на градот до крстосницата каде се наоѓаат просториите на „Софтмак компјутери“. Во останатиот дел на „Моша Пијаде“ сообраќајот ќе биде дозволен во двете насоки, како што е и моменталното решение.
Одлуката советниците ја донесоа со 21 глас за, 1 против и 2 воздржани.