Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевки, кој собра потписи за независен кандидат за градоначалник на престојните локални избори, реагира на одлуката на раководството да го исклучи од партијата.
„Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ. Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржале. Правно формално јас сеуште сум член на СДСМ“, вели Димитриевски.
„Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството, симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат.
Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб“, се вели во писмената изјава на Максим Димитриевски.