Опозицијата против предлогот на Општината за подигање кредит од милион евра
Советниците од опозицијата не го поддржуваат предлогот на Општина Куманово, за задолжување од милион евра од Светкста банка за обнова и развој за купување на основни средства и опрема за јавните претријатија.

Координаторот на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Драган Петковски, рече дека е неспорно тоа што јавните претпријатија имаат дотраена и амортизирана механизација и поради тоа имаат проблеми во секојдневното работење, но тој смета дека избраниот модел и моментот на задолжување не е соодветен.
„Сите знаеме во каква кризна состојба се наоѓаме, која се менува од ден на ден. Неблагодарно е да прогнозираме што ќе се случи утре или по една недела, а не по неколку години. Затоа мислам дека во овој моменет да се врши задолжување со рок на враќање од десетина години е во најмала рака ризично и непромислено“, изјави Петковски.
Тој потсети дека до пред кратко време Општината беше заглавена со кредит од програмата МЕАП, поради што општинската сметка беше блокирана повеќе од 10 години и беа исплатени големи камати на сметка на проекти за развојот на градот.
„Треба да земеме кредит кој ќе го потрошиме сега, а треба да го враќаат некои други, кои ќе дојдат после нас. Не знам колку е паметно и домаќински. Затоа ќе гласам против ваквото задолжување“, рече Петковски.
Со слични аргументи против предлогот се изјаснија и советниците Зоран Петрушевски, Анета Шандева и Осама Мујадини.
Предлог за задолжување на Општината денеска е на разгледување пред Советот како единствена точка на дневен ред.