Општина Куманово ќе купи 6 автомобили
За потребите на јавните служби Општина Куманово на лизинг ќе набави 6 нови возила. Според градоначалникот Максим Димитриевски, три од возилата ќе бидат теренски, а три патнички.

Тој предлогот пред советниците на денешната седница го правдаше дека постоечките возила се стари повеќе од 10 години и за нивно одржување се плаќаат огромни средства.
„Не се работи за возила коишто ќе ги користи градоначалникот или претседателот на Советот или некој избран функционер, туку се работи за реална потреба за да службите на Општината бидат пофункционални и помобилни. Ние во моментот користите 7 патнички возила, кои се од 2006 година па наваму, со поминати 300.000 километри и повеќе. Општината за нив од 2014 до 2019 година има потрошено за поправка, сервис и оддржување, горива и масла над 220.000 евра. А набавната вредност на овие возила била 111.000 денари“, - ја правдаше одлуката градоначалнико Димитриевски.
Со новата набавка, смета градоначалникот, ќе се намалат трошоците за одржување и големата потрошувачка на гориво, бидејќи по оваа пресметка општината подобро да плаќа рата за новите возила отколку да се даваат пари за старите, кои притоа не се безбедни.
Теренските возила ќе ги користат службите за инспекциски надзор, урбанизам и на противпожарната единица, додека патничките возила за комуналната инспекција, сообраќајната и за стручните служби.
Општината ќе распише тендер и врз основа на понудата ќе го избере најповолниот понудувач.
Советниците од опозицијата на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кои не гласаа за предлогот, предходно побараа од градоначалникот да прецизира во одлуката за какви возила станува збор и која е предвидената сума за нивна набавка, затоа што се соменаваат дека откако ќе добие бланко одобрени може да го злоупотреби и да купи други возила, затоа што ќе процени дека се приоритет.
„Ние треба да веруваме на нешто што е кажано на оваа седница, што може да се заборави, и во секое време градоначалникот може да се повика дека ние донесовме одлука за набавка на 6 возила. Зошто ова што го кажа градоначалникот не го добиеме написмено, за намената на возилата, карактеристиките и по кој цена. Да направиме некакво ограничување. Колку е буџетот за тие 6 возила? Не сме против купување на возила, знаеме дека на општината и требаат, меѓутоа треба да биде јасно нагласено што ќе се набавува и колку ќе чини“, - рече координаторот на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Петковски.
Градоначалникот одговори дека тој не се знае каква понуда ќе добијат на тендерот и затоа не може да се прецизира и да се вметне во одлуката тоа што го бара опозицијата. На крајот со 18 гласа за и 10 против, советниците одобриа купување на нови 6 автомобили.