Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово додели 2,4 милиони денари или 39.000 евра на 4 здруженија од Куманово кои работат во полето на социјална заштита на населението.
Најмногу средства доби „Инклузива“- 990.000 денари или 16.000 евра, здруженијата „Мајка“ и „Детска светлина“ по 500.000 денари, додека „Чекор плус 2022“ добиваат 410.000 денари.
Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово добива финансиска поддршка за пружање на индивидуални услуги од специјален едукатор и рехабилитатор, окупациона терапија, сензорна соба и други услуги на лицата со попреченост. Услугата на корисниците се пружа во реновиран објект на поранешната месна заедница „11 Ноември“, каде е отворен дневен центар во ноември, минатата година. На здружението минатата година му беа доделени 1,15 милиони денари, но средствата во најголем дел беа вложени во реконструкција и реновирање на објектот наменет за дневен центар.
Хуманитарното здружение „Мајка“ и оваа година доби поддршка за работа на кризниот центар за помош и поддршка на жртви на родовобазирано и семејно насилство, каде вршат прифаќање и сместување на жртвите, советување и пружаат посебна поддршка на децата- жртви.
Здружение за едукација, советување и стимулација на лица со посебни потреби „Детска светлина“, за проектот „Рана интервенција и превенција на деца во ризик“ преку советување и работа со семејства како и директен третман и имплементација на логопедски и дефектолошки услуги. Годинава добиваат зголемена сума за спроведување на своите активности- лани им беа одобрени 380.000 денари.
Преостанатите се наменети за Здружението за стимулација, едукација и рехабилитација „Чекор плус“ 2022, кои за прв пат добиваат средства од буџетот на локалната самоуправа. Тие ќе работат на развој на моторни вештини кај деца со попреченост, а вежбите ќе се изведуваат на атлетска стаза, на прошетка во природа или подготовка за натпреварување.
Средствата се обезбедени преку Годишна програма за развој на социјална заштита за 2025 година, одобрени од Совет на Општина Куманово.
Куманово е една од ретките локални самоуправи кои имаат изработено социјален план, со целосно мапирање на многу категории на деца и лица во социјален ризик.