Општина Куманово со 14.000 евра ќе поддржи 4 проекти за туризам, екологија, младинска иницијатива и социјална кохезија
Општина Куманово ќе додели финансиски средства во висина од 884.100 денари или 14.300 евра, за поддршка за проекти од локален значај на 4 граѓански организации и фондации.

Проектите се однесуваат за заштита на животната средина, социјална кохезија и намалување на сиромаштија, туризам и култура, како и младински иницијативи.
Најмногу средства добива Здружението „Ума Сто“ 251.500 денари (близу 4.100 евра) за проектот „Туристичко – гастрономски кластер Ума– Бислим”, средства наменети за создавање на еден бренд од туристичко- гастрономскиот кластер, настани на кои ќе се промовираат брендирани производи, но и обуки за млади лица и жени за современите стандарди кои се однесуваат на престој на туристи.
„Зелена градба Асоцијација“ Куманово ќе добие 215.100 денари (околу 3.500 евра) за проектот „Еко- едукативен центар за деца и млади”, каде фокус ќе биде ставен на активно учество на младите со зелени и иновативни решенија во создавањето долгорочен и оддржлив економски и еколошки развој на заедниците.
Здружението „Ино млади“ аплицираше со проект „Жена Борец – Уметност и едукација за одржлива иднина“ за повторна употреба на текстилни производи, поправка на стара облека и подигање на еколошката свест е целта на проектот кој ќе се спроведува со 203.500 денари (3.300 евра). Проектот има за цел да ја подигне јавната свест во областа на справување со текстилен отпад преку креативни, инспиративни и одржливи практики.
„Здружението чекор плус 2022“ ќе обезбеди психолошка поддршка за децата со попреченост и членови на нивните најблиски семејства преку Гешталт психотерапевт, унапредување на севкупниот живот на децата со попреченост, како и на нивните родители е целта на проектот „И јас имам право на среќно и безгрижно детство”. За овој проект се предвидени 214.000 денари или 3.500 евра.
Проектите се избрани преку јавен повик, во рамките на програмата на Секторот за локален економски развој. Избраните здруженија имаат рок од 6 месеци за спроведување на своите идеи.