Општината да запре со нови вработувања пред локалните избори, бара Левица
По најавата за нови 34 вработувања во општинската администрација во Куманово, локалниот огранок на Левица бара запирање на постапката и објаснување од надлжните за итноста за нови вработувања пред локалните избори.

„По повод новите вработувања во општина Куманово уште еднаш се потврди дека некои работи едноставно се константа. Пример за таква непроменлива константа се непотребните, партиски и наместени вработувања во администрацијата на општината Куманово. Познато е дека општината нема физички капацитети за да ги смести сегашните „административци“, - стои во соопштението.
Од Левица велат дека иако режимот на ВМРО ДПМНЕ е срушен, поради препознатливите практики: партиските вработувања и партизацијата на администрацијата, тоа сеуште во континуитет се применува од страна на локалната власт на СДСМ во Куманово.
„Особено симптоматично е и тоа што новите вработувања се спроведуваат непосредно пред локалните избори. Па затоа бараме запирање на оваа постапката, со цел општината подетално да образложи која е потребата и итноста за новите вработувања. Престанете со паразитизмот, корупцијата и партизацијата, - стои во соопштението на локалниот огранок на Левица во Куманово, по повод новите вработувања во општина Куманово.