×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општинскиот штаб бара воведување на ред пред банките

    23.07.2020 11:23 | KumanovoNews

    Да се воведе ред пред банките, за да се намалат турканиците и да се избегне опасноста од ширење на вирусот ковид-19, побара Општинскиот совет за заштита и спасување во Куманово на вчерашната седница, откако со месеци наназад има невиден метеж пред дел од експозитурите во градот.

       

    Општинскиот штаб бара воведување на ред пред банките

    „Бараме од Владата и надлежните државни органи да направат увид во делот на организациска поставеност во банките и други приватни јавни институции, кои вршат услужна дејност, како и уплата и исплата на парични средства на граѓаните, дистрибуција на вредносни ваучери и изнаоѓање на механизам и мерки за почитување на владините мерки при вршење на дејноста во вонредна состојба со можност за воведување на нумерациски систем во услугите со зголемување на бројот на капацитети за давање на услуги кон граѓаните, со цел да се избегнат постојаните метежи на јавно прометните површини пред овие услужни установи“, - соопштваат од Кризниот штаб.

    Во Куманово од почетокот на коронакризата постојано има редици пред дел од експозитурите на банките кога се подигаат пензии, плати и социјална помош, но состојбата ескалираше со почетокот на поделбата на платежните картички. Граѓаните во голем број речиси по цел ден чекаат пред вратите на банките, на тротоарите, улиците и пред околните згради, со цел да дојдат на ред. Во најголем дел од случаите не ја почитуваат социјалната дистанца и не носат заштитна опрема, поради што постои директна закана од ширење на заразата.

    Тие се жалат за неорганизираност на банките, малиот број на шалтери и не почитување на термините коишто предходно им се дадени.

    „ Добив смс со термин да си ја подигнам картичката во банка. Дојдов во 8 часот наутро и пред мене веќе имаше ред од 30 луѓе. Одлучив да чекам затоа што мислев дека брзо ќе завршам, а сметав и дека ако го пропуштам терминот ќе имам проблем. После 5 часа чекање некаде околу 13 часот, кога пред мене останаа уште 5-6 луѓе, ми рекоа да дојдам утре, затоа што за денеска е завршена поделбата и не пристигнале сите картички. Се налутив и се скарав со нив, им се заканив дека ќе повикам медиуми, по што ја најдоа картичката. Завршив некаде околу 14 часот, дехидрирана, гладна, бесна и понижена. Мислам дека е крајно нехумоно ова што им се прави на луѓето, некои за само 3000 денари толку многу се малтретираат. Требаше да се најде друг начин, да се доставуваат кaртичките на домашна адреса и да се избегне ова сосојба, а не вака“ - вели М. Ф. од Куманово.  

    Реагираат и граѓаните, коишто живеат во близина на банките и секојдневно ги гледаат маките на граѓаните.


    „Ги гледам од прозорецот и не можам да сфатам зошто ваков хорор се дозволува. Мачна слика на кутрите луѓе, збуткани еден до друг, кој со маска, кој без неа. Кој со чадор за да се заштити од сонцето, кој облиен со пот, се преместува од нога на нога и во основа не се помрднува, за да не си го изгуби редот. Оној кој всушност и не постои. Понекој од нив повремено ќе ја премине улицата за да се сокрие под сенка, за да потоа пак од страв да не го прередат, ќе застане на сонце, на дожд, на ветер. Нервозата расне, секојдневно има инциденти со буткања, навреди, клетви, плачење. Ќе прашам: има ли некој да им помогне на луѓево со воведување ред? Банката, полицијата? Греота е вака да се мачат секој ден“, - напиша на Фејсбук една наша сограѓанка.

    Корона кризата ги исфрли на површина сите аномалии во работењето на јавните и приватни институции, како и маркетите, коишто немаат доволен просторен и кадровски капацитет да ги сервисираат услугите на граѓаните за кои постојат, а покриваат регионален центар како што е Куманово, плус соседните општини Липково и Старо Нагоричане. Поради тоа треба што поскоро со оваа проблематика да се позанимаваат државните и локални власти, заради утврдување на построги правила и прописи кои треба да ги исполни секој правен субјект, којшто сака да се занимава со услужна дејност.

    (С.Н.)