Основен суд Куманово има само 18 од потребните 34 судии, годината може да ја заврши како неажурен
Записникот од надзорот на Основен суд Куманово покажува дека заедно со претседателката во него работат само 18 судии, а по систематизација потребни се 34. Истовремено, недостасуваат и информатичари и архивари, компјутери, принтери и слично.

Наспроти малиот број судии, пак, има зголемен број на прекршочни предмети и предмети од работен однос, па тековната година судот може да ја заврши со оценката „неажурен“.
Покрај кадровските проблеми, при надзорот биле забележани и други неправилности во работењето на Кумановскиот суд.
За исклучување и повторно вклучување на судии при распределбата констатирани се забелешки во неколку предмети. Биле дадени објаснувања, а дел од посочените причини се веќе решени. На претседателот на судот му се дадени препораки доследно да се следат законските одредби за вклучување и исклучување на судии од АКМИС, а изземањата да ги врши само врз основа на уредно доставено барање за изземање.
Иако судот има пет судници со инсталирано и функционално тонско снимање, судиите не сакале да го користат и затоа постојано било наведувано дека системот е нефункционален. Надзорот дал препорака за задолжително користење на тонското снимање при расправите.
Еден од проблемите е и недостиг на вработени во Информатичкото одделение во Основниот суд, кое функционира како посебна организациска единица. Од поранешните тројца вработени, сега е останат само еден информатичар. На огласите за вработување не се јавувал ниту еден информатичар, а на последниот оглас единствениот кандидат не го положил писмениот дел од испитот, што е услов за вработување.
Судската архива, пак, која е сместена во подрумските простории страдаше во пожар на 11 јули годинава и иако увидот е завршен, се уште нема официјални податоци за настаната штета и за тоа што е оштетено од неа во опожарувањето.
Претседателката на судот изјавила дека дадените насоки за архивата ќе бидат тешки за спроведување, затоа што има само двајца вработени архивари, па процесот и не може да се одвива бргу.
Комисијата била информирана од страна на судот дека има потреба и од 30 компјутери, 20 принтери, 10 нови скенери и принтер за непечено функционирање.
Записникот констатирал и дека годишниот распоред за работа на судии и сите измени во распоредот се навремено донесени и се менувани во запазена процедура. Во судот редовно се оддржуваат месечни колегиуми на кои се решаваат тековните проблеми, претседателот на судот редовно врши надзор над работата на нотарите и констатирано е намалување на бројот на нерешени оставински постапки.
Во поглед на транспарентноста на судот за пофалба е што сите правосилни пресуди се објавуваат анонимизирано на веб страната на судот и судот најмалку еднаш годишно ја информира јавноста за работењето на институцијата и на судиите.Судот има и лифт и е еден од ретките судови во државата кој е достапен и за лицата со посебни потреби.
Надзорот на Министерството за правда бил извршен во јуни 2023 гоина во Основните судови во Куманово, Берово, Крушево и Кратово.
Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите констатирала дека има нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување како и изземање на судии од АКМИС. Нема доволен број на судии во помалите судови со основна надлежност, има недоволен број на информатичари, недостасува соодветен архивски простор и континуирано архивирање на предмети, а списите се чуваат во подруми. Забележано е и нераспишување на огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од страна на поранешните претседатели, како и дека тонското снимање главно не функционира.