Осумдневен притвор за таткото и двете ќерки од Крива Паланка
Основниот суд во Крива Паланка им одреди осум дневен таткото и двете ќерки во Крива Паланка, кои спречија службеници од Агенцијата за храна и ветеринарство во вршење службена должност.
На 2 декември околу 16:00 часот во село Трново, Кривопаланечко, кај место викано „Самоков“, полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка ги лишија од слобода таткото Г.Ѓ.(57) и неговите ќерки А.Ѓ.(30) и А.Ѓ.(22), сите од селото Жидилово, Кривопаланечко. Тие имале повеќе од 500 крави, кои правеле штета на имотот на нивните соседи и во другите села.
Според информациите од ОЈО Крива Паланка, осомничените, татко и две негови ќерки, како соизвршители, со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни, крупен добиток.
Јавниот обвинител, имајќи ја предвид опасноста од бегство, но и можноста за повторување на делото, побара определување мерка притвор за сите осомничени за кривично дело: спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, од нивното однесување произлегува дека и покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените сепак подолг временски период го малтретираат месното население и соседите, а сега започнуваат дејствија на спречување и спрема вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од АХВ, како и на униформирани полициски службеници.
Инаку, проблемот со запуштениот добиток што нанесува штета на месното население од реонот на целата општина Крива Паланка е повеќегодишен и за истиот долг временски период институциите спроведуваат различни активности со цел негово трајно решавање.
Добитокот често го попречуваше и сообраќајот на магистралниот пат А2.