Пајакот ќе лови возила до полноќ
Пајак-возилото ќе лови непрописно паркирани возила до полноќ, наместо до 16.30 часот како што беше досега.

ЈП „Куманово-паркинг“ во договор со сообраќајната полиција одлучи да го продолжи работното време на пајак службата во уште една смена до 24 часот, со цел да го спречи сообраќајниот метеж во градот во попладневните и вечерни часови.
„Одлуката ја донесовме по поплаките на граѓаните за сообраќајниот хаос во вечерните и ноќни часови поради големата фреквенција на возила и луѓе. Несовесните возачи знаејќи дека не работи пајак-службата ги оставаат возилата на непрописни места, на тротоари, улици и го блокираат сообраќајот, особено пред кафиќите и угостителските објекти, - изјавија од претпријатието.
Новото работно време ќе трае до крајот на летото, а пајакот ќе биде присутен во сите делови на градот и нема да прави селекција при подигање на возилата, тврдат надлежните.
Од ЈП „Куманово-паркинг“ велат дека тие делуваат повеќе превентивно и дневно подигаат од 3 до 5 неправилно паркирани возила, за кои ќе одлучат сообраќајците, бидејќи тие се само сервис на полицијата.