Пензионерите излегоа да ги земат пензиите, редици пред банките
Иако Владата согласно препораките на Министерството за здравство за превенција од вирусот КОВИД-19 воведе ограничување за движење на пензионерите, тие деновиве можат да се забележат пред банките и по 11 часот напладне и без растојание од метар и пол.

Пензионерите можат да излегуваат од 5 часот наутро, па до 11 часот напладне, бидејќи се најризичната група на граѓани кои можат да заболат од овој вирус, а за нивните потреби општините воведоа и лични асистенти за набавка на работи кои им се неопходни.
Коментарите на социјалните мрежи, низ кои деновиве кружат слики со поголем број на пензионери кои не ги почитуваат мерките на Владата се поделени.
- Не се виновни луѓето, им треба храна, лекови и пари, мораат да си извадат пари. Мора да земат пензија ако никој не им ја донесува дома, многу од нив даваат пари на своите деца,-се коментарите на едните.
Додека пак другите коментари по социјалните мрежи велат дека ова само ја покажува нашата недисциплинираност и ги повикуваат засегнатите органи да реагираат.
- Да се воведе поригорозна забрана, тие можат да ги користат и банкоматите надлежните треба да реагира бидејќи на овој начин сме загрозени сите,-велат другите коментари на социјалните мрежи.
Фотографиите којишто се појавија на социјалните мрежи се направени предпладнево во Куманово.