По 2000 евра казна за кумановците кои не седеа во самоизолација
Основното јавно обвинителство Куманово поднесе предлози за издавање казнени налози на две лица од Куманово, кои се товари дека сторило кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Казната е по 2000 евра или по 100 дневни глоби.
Во првиот случај, Н.К.(50) на 16 март влегол во државата од Република Австрија, како ризична земја во однос на ширењето на епидемијата и прифатил самоизолацијата да ја извршува во неговиот дом во Куманово, но при контрола на 17 март од страна на службени лица од СВР Куманово обвинетиот не бил затекнат во домот.
- Со ова тој не постапил по донесените прописи за време на пандемија-епидемија од глобални размери со кои се определени мерки за сузбивање или спречување на епидемијата на заразната болест предизвикана од коронавирус -COVID 19. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово го поднесе предлогот за издавање казнен налог, со кој на Основниот суд Куманово му предложи на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност. Судот ваквиот предлог го прифати и на обвинетото лице му ја изрече глобата во вкупен износ од 2.000 евра во денарска противвредност, - соопштуваа од Обвинителството.
Во вториот случај станува збор за Н.Т.(39) , кој влегол во државата на 15 март од Република Италија, и требало да биде во самоизолација во неговиот дом во Куманово, но не ја почитувал мерката.
- Основното јавно обвинителство Куманово со предлогот за издавање казнен налог на Основниот суд Куманово му предложи на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност, - наведуваат од Обвинителството.