По 42 години се реконструира системот за затоплување на училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“
По 42 години започна целосна реконструкција на системот за затоплување на централната училишна зграда на oсновните училишта „Крсте Мисирков“ и Браќа Миладиновци“ во Куманово.

Двете училишта со години наназад имаа проблеми со затоплувањето поради дотрајана или оштетена инсталација, а при ниските температури доаѓало и до целосен прекин во затоплувањето.
„Имаше моменти кога имавме прекин на целиот топловод на парното греење. Имаме парно греење, па немаме, односно квалитетот не ги задоволуваше потребите на учениците и наставниците. На ниските температури ние имавме крајно нехумани услови, бидејќи се` беше испукано, крпено, дотраено. Со ова добиваме похумани услови каде што се вклучени и учениците и наставниот кадар“, вели Јасмина Спасовска, директорка на ОУ „Браќа Миладиновци“.
Реконструкцијата е започната завчера, а согласно потпишаниот договор се очекува да заврши во рок од 45 дена. За замената на инсталацијата за греење се одделени 1,9 милиони денари од буџетот на Општина Куманово.
Во основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ преку овој систем на греење се затоплуваат околу триесетина простории, кои ги опфаќаат и канцелариските оддели. Засега настава во двете училишта посетуваат околу 2.400 ученици, меѓутоа поради коронакризата голем дел од нив настава следат од дома.
Првата инсталација за парно греење во училиштата е поставена во 1978 година.
(Ф.М.)