Полициски час од сабота во 19 до вторник во 5 часот, предложи Комисијата за заразни болести
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок предложила до Владата целосно ограничување на движењето за време на претстојниот продолжен викенд за празниците Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј.

Доколку се прифати предлогот, новиот карантин или полициски час ќе биде од сабота во 19 часот до вторник во 5 часот.
Причината за ваквата препорака е во тоа што граѓаните не ја почитуваат забраната за семејни собири и настани.
„Со оглед дека има непочитување на мерките, нормално е да има нови случаи, па сметаме дека само вака ригорозна мерка ќе има вистински ефект“, најави министерот Венко Филипче.
Тој рече дека отворањето на угостителските објекти и евентуално скратување на полицискиот час се остава за наредната недела. Доколку Владата донесе одлука денес, угостителските објекти може да се отворат веќе во вторник.