Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
АД Водостопанство „Кумановско- Липковско поле“ од утре (понеделник) ќе започне со санација на главниот вод, поради што ќе го намали дотурот на вода до филтер станицата, па постои опасност повисоките зони во градот да имаат намален притисок или прекин во водоснабдувањето.
„Поради потреба за отпочнување на сезоната на наводнување 2025 година, АД Водостопанство „Кумановско - Липковско поле“, достави известување дека ќе го намали дотурот на сирова вода до Фабриката за преработка на вода поради санирање на дефекти и монтажа на шибер вентили. Дотурот на сирова вода ќе биде прекинат преку 4-та грана ( бај- пас). По завршување на планираните работи, дотурот на сирова вода повторно ќе биде нормализиран“, се вели во соопштението од ЈП „Водовод“ Куманово.
За време на изведување на планираните работи од страна на АД Водостопанство „Кумановско- Липковско поле“, потрошувачите од повисоките делови на градот можно е да се соочат со намален притисок или недоволен дотур на вода.
Тие ги повикуваат граѓаните за трпение, како и избегнување на ненаменска потрошувачка на вода.
Надлежните уверуваат дека ќе бидат ангажирани сите ресурси за што побрзо завршување на интервенцијата и нормализирање на водоснабдувањето. Истовремено напоменуваат дека сите други извори ќе се користат со максимален капацитет, за што побезболно пребродување на ситуацијата. Апелираат за рационална потрошувачка на вода- да се користи само за најнеопходните потреби во домовите.