Поставена опрема за контрола на загубите на вода
ЈП „Водовод“ привршува со проектот „Реконструкција, употреба и одржување водоснабдителен систем на Куманово", кој предвидува инсталирање на опрема за подобро функционирање на водоводниот систем.

За реализацијата на проектот одобрени се 861.500 евра од Европската инвестициска банка.
Како што информираат од претпријатието, досега е поставена опрема преку која ќе се врши контрола на загубата на водата, а преостанува уште да се направи тестирањето на ефикасноста на самите уреди.
- Проектот предвидува модернизација на третман на вода, нова мерна опрема на доводни и излезни цевководи во Филтер станица, мерење на ниво во резервоари во рамки на Фабриката за преработка на вода и на надворешните резервоари во „Карпош“ и „Бајрам Шабани“, нова мерна опрема во бунарското подрачје „Митев мост“, како и нова мерна опрема на дополнителни 3 мерни места во состав на водоснабдителниот систем. На сите локации каде што е поставена мерна опрема во рамки на Фабриката за преработка на вода и надвор од неа, предвидено е далечинско следење на промената на состојбата на мерната опрема во однос на проток и притисок и сите тие податоци се собираат во главен Скада центар кој служи за мерење, праќање и контрола на целиот систем, а во моментот центарот се наоѓа во просториите на Фабриката за преработка на вода во Куманово,- вели електроинженерот Бојан Петрушевиќ од ЈП „Водовод".
Тој исто така додава дека СКАДА-системот треба да овозможи и подобра услуга за граѓаните, односно дека ќе овозможи побрза интервенција на службата, доколку во системот се покаже дека на одредено место протекува поголемо количество на вода од предвиденото, со што ќе се реши и проблемот на снемување на вода кај граѓаните.
ЈП „Водовод“ од Куманово за овој проект имаше аплицирано во 2014 година до Министерството за транспорт и врски, а проектот беше одобрен во 2018 година.