Постдипломци од Јапонија во студиска посета во „Еуро колеџ“
Тројца постдипломците на Универзитетот „Хокаидо” од Јапонија, се гости на приватната високообразовна установа за бизнис студии "Еуро Колеџ" во Куманово, како дел од проектот поддржан од програмата за студиски посети „Еразмус +”.

Нацуко Томатани, Коџи Вада и Ли Зихен, за првпат доаѓаат во Македонија и Куманово, и презадоволни се од престојот и пречекот на домаќините.
Нивниот универзитет е рангиран меѓу стоте најдобри во светот.
Љубиша Петрушевски, декан на Еуро Колеџот од Куманово, вели дека со Универзитет „Хокаидо” соработката ја започнале во 2014 година, а во изминатите години таа е интензивирана и надоградена.
- Денес соработката со колегите од „Хокаидо” се одвива на повеќе нивоа, гостувања на јапонски предавачи овде и на професори од Еуро колеџ во Куманово, а во план е и размена на академски персонал и на студенти. Како колеџ сме заинтересирани да стипендираме слични двонеделни посети на свои студенти во Хокаидо, каде што ќе можат да слушаат настава и да посетуваат разни компании за практична настава за да стекнат нови знаења и вештини, нешто што дел од студентите веќе го добиваат со студиските посети во другите земји, - вели Петрушевски.
При воспоставувањето на соработка со престижниот универзитет им помогнале од јапонската амбасада.
Студентите од Универзитетот „Хокаидо” се во 14-дневна посета на Македонија, при што ќе посетат приватни и државни компании, министерства и општини, а ќе присуствуваат и на предавања во рамките на истражувачката работа и заради унапредување на знаењето. Вчера имаа средба со претставници од Советот на Општина Куманово.