Претседателот Пендаровски лице в лице со кумановци
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“ денеска престојува во посета на Општина Куманово.

Претседателот го посети основното училиште „Толи Зордумис“, каде наставата се одржува на македонски и на албански јазик. Во него е имплементиран модел за интеркултурно образование, којшто ги интегрира учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно – образовен процес.
За време на посетата на Куманово, претседателот Пендаровски се сретна со д-р Нурие Алији и метеорологот Борис Секирарски, кој повеќе од три децении работи во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Скопје, млекарницата Бучен Козјак, формирана во 1983 година, како прва приватна млекарница на територијата на нашата држава и вработените во библиотеката „Тане Георгиевски“, која годинава одбележува 75 години од своето постоење.
Претседателот Пендаровски оствари средба и со претставници на невладини организации од кумановскиот регион, како и со локални новинари и дописници, кои го запознаа со нивната тековна работа и предизвиците во финансирањето и функционирањето. Медиумските работници посочија дека во државата изумира дописништвото, но и дека локалните медиуми едвај опстојуваат.
Проектот „Лице в лице со претседателот“ е инициран во изборната програма на претседателот Пендаровски. Целта е преку посети на населените места претседателот да се сретне со што е можно повеќе граѓани, и одблиску да ги слушне проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и идеите за нивно надминување.