Продолжи отстранувањето на времените објекти на улицата „11 Октомври“
Општина Куманово денеска продолжи со отстранување на времени објекти на улицата „11 Октомври“, над Градската џамија, со цел да создаде простор да се отвори крак од улицата „11 Ноември“.

„Во тек е отстранување на времените објекти - бараки на улица „11 Октомври“, со цел да се реконструира кракот на улица „11 Ноември“ кој е од суштинско значење за намалување на метежот во сообраќајот на улицата над старата џамија“, објави градоначалникот Максим Димитриевски.
Рушењето на бараките, кои се сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор, започна минатата година во декември. На корисниците им биле издадени решенија за напуштање на објектите, три месеци пред да се започне со рушењето.
Градоначалникот Максим Димитриевски, уште на почетокот на мандатот најави дека планира да ги поврзе улиците „11 Октомври“ и „11 Ноември“, за да се намали гужвата во сообраќај кон Општата болница и да се отстрани тесното грло кое го создаваат возилата кои се движат кон населбата Бедиње и Липково.