Продолжува уредувањето на излетничкото место „Студена вода“ во Куманово
Продолжуваат работните активности за уредување на излетничкото место „Студена вода“, кое се наоѓа во близина на селото Доброшане во Куманово. Изградбата извесно време беше стопирана поради временските услови и коронавирусот.

Излетничкото место се очекува да се стави во функција на граѓаните на почетокот на месецот јули.
Проектот - „Уредување на излетничко место во рурална средина“ чини околу 200.000 евра, а средствата се обезбедени од Агенција за финансиска поддршка на земјоделство и рурален развој и Општина Куманово. Општина Куманово како учесник во проектот обезбедува 6.830.000 денари.
„Во тек е поставување на 6 летниковци, подземна инфрастурутура, како и довод на електрична енергија. Проектот предвидува и партерно уредување на 1000 м2 површина , поставување на бекатонски патеки. Исто така, ќе се постави и урбана опрема, која се состои од: 18 скари, 30 корпи за отпадоци, 30 канделабри, 24 маси, 6 настрешници, а ќе се уреди и паркинг простор“, вели вели Момчило Јовановски, помошник раководител од одделението за комунални работи на Општина Куманово.
Воедно, ќе се реконструира и локалниот пат, како и постоечката чешма и спомен одбележјето.
Со овој простор кумановци ќе добијат уредено излетничко место. Локалитетот „Студена вода“ со години беше неуреден и запуштен предел.