Проекција на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски во Куманово
На 11 Ноември, со почеток во 20 часот, во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе биде прикажан новиот филм на еден од најголемите македонски режисери, Милчо Манчевски.

Ова е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи. Приказните се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга.
„Јас ова веќе доволно долго го правам за да знам кога нешто што ќе направам е стварно добро и кога не е. Ова е од тие што се стварно добри. Сѐ во процесот убаво се налепи и самиот процес беше прекрасен, првпат во моето искуство по многу години“,- рече Манчевски на средбата со новинарите пред премиерата.
„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во актерската екипа се: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ… Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.
Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.