Мени

Проекти за детска и здравствена заштита најави Бобан Јаќимовиќ, кандидат за советник од ДПСМ

08.10.2025 07:12 | KumanovoNews

Кандидатот за советник Бобан Јаќимовиќ од „Братската листа“ на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ) најави проекти од областа на здравствената, детската и социјалната заштита, кои ќе бидат приоритети во новиот состав на Советот на Општина Куманово.

 

Проекти за детска и здравствена заштита најави Бобан Јаќимовиќ, кандидат за советник од ДПСМ

„Ќе се залагаме за изградба на повеќе детски градинки, особено во приградските населби Перо Чичо, Карпош и Зелен Рид. Со тоа градинките во централното градско подрачје ќе бидат растеретени и ќе се овозможи прием на поголем број деца. Второ, многу значајна е и поддршката во социјалната заштита, која ќе продолжи во наредниот период за социјално загрозените семејства, преку субвенционирање на трошоците за вода и смет“, изјави Јаќимовиќ.

Тој истакна дека еден од нивните приоритетни проекти ќе биде и унапредување на здравствената заштита на населението во руралните средини. Советниците на ДПСМ ќе поведат иницијатива објектите кои се запуштени и не се користат да се ревитализираат, со цел да се зајакне здравствената заштита во приградските и селските средини, за да биде подостапна за сите граѓани, особено за повозрасните.

Јаќимовиќ најави дека нивните планови вклучуваат и решавање на сообраќајниот метеж преку изградба на уште два кружни тека – кај Зелениот пазар и на раскрсницата на улиците Народна револуција и Трета МУБ, како и проширување на паркинг-зоните и изградба на квалитетна инфраструктура во населбите.

„Првата и основна заложба на советниците на ДПСМ во новиот состав на Советот ќе биде поправка на главние патишта во населбите Карпош, Перо Чичо и Ајдучка Чешма, како и реконструкција на патот во Тромеѓа“, додаде Јаќимовиќ.

Советничката листа на ДПСМ е под реден број 3 на гласачкото ливче.