Производите за „купувам домашно“ треба да бидат на посебни рафтови или со видна ознака
Македонските производи за купување со домашна платежна картичка, согласно дополнетата уредба од Владата, треба да бидат изложени на посебни рафтови или гондоли со ознака „купувам домашно“ или означени со видна налепница „купувам домашно“, заради нивноо полесно препознавање.
„Согласно уредбата, правните и физички лица во објектите за трговија на мало се должни да обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и слично, со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лицата корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила, или да ги означат со видна ознака/етикета/налепница „купувам домашно” заради нивно лесно препознавање“ соопштуваат од Владата.
За прометот на македонски производи и услуги, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.
Уредбата ги задолжува правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line продажба преку интернет страници посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака „купувам домашно”, како и да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата, како и на страната за плаќање, со кое ги известуваат купувачите дека со домашната платежна картичка може да плаќаат само македонски производи и услуги кои се означени со ознаката „купувам домашно”.