Пролетни акции за чистење во приградските населби
ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово, започна со пролетни акции за чистење на сметот во приградските населби и селата.

Минатиот викенд се чистеше главната сообраќајница во населбата Добрешане, а во наредниот период ќе се спроведат еколошки акции и во останатите населби, каде што има иницијатива од месната заедница и интерес од граѓаните.
Директорот на ЈП Даниел Стојчевски, вели дека ќе се чистат тротоарите и улиците од наносите на земја, песок и кал, дивите депонии, а некаде ќе се работи и на кастрење на дрвјата, зависно од месната заедница или средината каде што ќе се утврди дека е најпотребно.
- Досега извршивме две акции, едната беше во дивата населба пред мостот за село Романовце, таму се чистеше улицата, се кастреа гранки и дополнително беше расчистена една помала дива депонија. Додека во населбата „Вера Которка“ се чистеше улицата и тротоарот на коишто имаше големи наноси на кал и на земја, а исто така дополнително се кастреа и гранките покрај патот,- истакна Стојчевски.
Но, тој додава дека и покрај тоа што минатата година ја исчистиле депонијата, којашто се наоѓала пред Станицата за технички преглед истата е повторно создадена.
- Таму се вршеше чистење минатата година на еден брег каде што имавме поголема количина на отпад или една дива депонија, но за жал морам да констатирам дека истите повторно се создадени. Ја користам оваа прилика да апелирам до граѓаните да се воздржуваат од фрлање на отпад каде што не треба. Морам да потенцирам дека ова не е обврска на јавното претпријатие, ниту го работиме според програмата утврдена на Советот на Општина Куманово, туку самоиницијативно организираме акции сѐ со цел да им помогнеме на граѓаните,- изјави директорот.
Од јавното претпријатие велат дека во наредниот период ќе ја утврдат динамината за чистење по месните заедници, за која благовремено ќе бидат известени сите граѓани, а ги повикуваат да им се приклучат на овие акции за да имаат почиста животна средина.