Промоција на документарниот филм „Три манастирски цркви во Кумановско“ од Валентина Андреиќ
Вечерва, во Занаетчискиот дом во Куманово, ќе се одржи промоција на документарниот филм „Три манастирски цркви во Кумановско, од преродбенскиот период“, на авторката Валентина Андреиќ, виш кустос и историчар на уметноста во Музеј – Куманово.
Во филмот се опфатени црквите „Св. Ѓорѓи“ во Бељаковскиот манастир, „Св. Ѓорѓи“ во Градишкиот манастир и „Св. Богородица“ во манастирот Забел. Прикажани се архитектонските особености, како и иконописот и фрескоживописот изработени од познати македонски зографи.
Документарниот филм ја доби наградата „Златна плакета – Камера 300“ на 33. издание на Меѓународниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“ во Битола.
Андреиќ истакнува дека нашата земја има богата историја, длабока духовност и исклучително културно наследство. Периодот на Преродбата бил време на сложени историски и општествени услови, но и време на промени. Тогаш заживеала економијата, а интензивно почнало да се гради нова црковна архитектура, како и да се обновуваат постарите верски објекти. Таков е случајот и со црквите опфатени во овој документарен филм.
„Станува збор за импозантни градби, изведени од грижливо делкан камен, со профилации и скромна фасадна декорација. Во 19 век, црковната уметност доживеала процут. Иконописот во овие цркви е дело на Дичо Зограф од Тресонче, Димитар Андонов Папрадишки, Трајко Муфтински и други. Зографите, иако твореле во сè уште конзервативни услови, се обидувале да ја надминат таа конзервативност. Во филмот, преку нараторскиот текст, се следат најважните податоци поврзани со темата. Визуелниот запис на сакралните споменици е воден од идејата дека камерата, како алтернативен метод, може најверно да ги забележи сите детали, кои во комбинација со аудио-записот ќе останат како сведоштво за идните генерации за значењето на манастирите и црквите што го градат нашиот културен и национален идентитет“, изјави Андреиќ.
Промотор на филмот ќе биде Славица Крстиќ, советник-документатор и историчар на уметноста.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам за 2025 година.