Промоција на книгата „Афирмации за деца“ од Драгана Краљевска
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“-Куманово, утре (петок) во 17 часот ќе се одржи промоција на книгата „Афирмации за деца“, од педагогот Драгана Краљевска.

Книгата е наменета за секое дете и за секоја возраст-пред училишна или училишна, како и за било која возрасна личност која го креира својот личен развој. Од корист ќе им биде на сите родители/старатели, наставници и сите кои работат со деца.
„Афирмации за деца“ е книга која е напишана со детски поглед на светот: чист, ведар, љубопитен, едноставен и прониклив. Книга која покажува дека не треба да се уништува палавоста, радоста и љубовпитноста на децата.
„Преку своето професионално искуство, како и преку безизмерната детска љубов, уште повеќе се задлабочив во детскиот свет и почувствував потреба дека треба нешто да им подарам. Да објавам афирмации кои за нив ќе бидат општокорисни, поучни и прифатливи во секоја доба, бидејќи се безвременски. Сакам да гледам насмевки и прегратки, радости и убавини, да подарувам и да се заблагодарувам“,- вели авторката Драгана Краљевска.
Афирмациите се зборови кои имаат неверојатна позитивна моќ да го подобрат нашето расположение, да го развијат нашето чувство за благодарност, да ја зајакнат самодовербата, да не` научат или потсетат на споделување на љубовта или создавање на одлично здравје. Не` попусто, големиот Јунг рекол дека ако сакаме нешто да смениме кај децата, најпрво истото ќе треба да го смениме кај нас.
Драгана Краљевска е педагог, како и одделенски наставник во Центарот за неформалното образование „Призма“. Воедно и тренер за личен развој на деца и возрасни и коосновач на клубот за едукација, мотивација и личен развој „Ко-Креатори“.