Промоција на збирката „ШШШ! Интимистичка вајбер поезија“ од Елена Пренџова
Поетската збирка „ШШШ! Интимистичка вајбер поезија“ од поетесата Елена Пренџова, ќе биде промовирана денеска (петок) во 18 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.

На промоцијата стихови од поетската збирка ќе читаат учениците од СОУ „Гоце Делчев“: Анастасија Младеновска, Теа Блажевска, Симона Поповска и Теодора Зафировска, како и учениците од СОУ „Вук Караџиќ“: Анастасија Масевска, Ана Лазаревска и Милена Маневска.
Насловот на стихозбирката е заводлив, бидејќи низ него испарува женскиот здив и ономатопејата „Шшш!“ како метафора за женскиот молк или цензурата на женскиот глас.
Интересно е што поетесата е во дослух со ерата на технологијата, а поезијата е разголување преку новата апликација вајбер како најпогодна за секојдневна комуникација на поголема просторна далечина.Поетесата со оваа збирка ги отвора железните порти на сопствените интимни соби.
„ШШШ! Интимистичка Вајбер поезија“ на поетесата Елена Пренџова е најновото поетско остварување за кое таа е носителка на наградата „Јован Котески“ за 2018 година.
Елена Пренџова (1985, Скопје), е дипломирана професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки. Објавила десетина збирки поезија на македонски јазик, една збирка во препев на српски јазик, како и една збирка во препев на хрватски јазик. Пренџова е и слемерка која организира слем-настани во градовите низ Македонија, а не` претставува и надвор од неа.