×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Промовиран романот „Тајните на рајските документи“ од Бранислав Коциќ

    26.02.2024 11:16 | Сузана Николиќ

    Во просториите на Еуро Колеџ во Куманово викендов беше промовиран романот „Тајните на рајските документи“ од авторот Бранислав Коциќ од Лесковац. 

    Промовиран романот „Тајните на рајските документи“ од Бранислав Коциќ

    Во книгата на еден метафоричен начин, се обработуваат актуелни глобални теми, како што се поделеноста меѓу истокот и западот, миграцијата, тероризмот, преселбата на капиталот, улогата на медиумите и многу други случувања од подалечното и поблиско минато.

    Станува збор за трилер, со филмски развој и пресврти, пренесени преку животот на главниот јунак Грег,  мигрант, кој како студент пребегал на западот на островот Луританија. Неговата желба за слобода и подобар живот го натерала да направи успешна кариера како шоумен, но професијата ќе мора да ја смени во политички инструиран новинар, по што ќе ја почувствува мрачната страна на убавиот живот.

    Ова е прво книжевно дело на Коциќ, кој по професија е полицаец, а промоцијата на книгата ја започна од Куманово.

    „Инспирација за романот ми беше политичката корупција во светот, која многу лесно ги спојува нејзините актери, тие пронаоѓаат плодно тло и можат многу лесно да се договорат зад камерите и надвор од дипломатските односи, бидејќи Рајките докименти, Панамските документи, покажаа како елитата го заобиколува данокот во своите држави за да го зголеми своето богатство. Инспирација ми се и новинарите, овде индиректно се споменува Џулијан Асанж, како голем херој и борец, кој е заробен од светот кој ја промовира слободата и човековите права, што покажува дека тие не се подобри од некои авторитативни режими, кои се можеби побрутални, ама исто така се однесуваат кон неистомислениците“, вели Коциќ.

    Преку оваа книга авторот испраќа порака дека постои решение за сите проблеми, дека освестените луѓе во најголем број од случаите можат да го променат светот, а тој длабоко верува дека еден ден ќе се случи тоа. 

    „Порака е дека светот мора да се гледа критички глобално, нема место во 21 век за поларизација и идеологии, мора да се свртиме кон универзалното добро, но тоа нема да се случи со завземање на страна. Тоа е пораката која сакам да ја испратам, како и тоа дека еден од многу битни сегменти се индивидуалните животи на ликовите во книгата. Тоа дека не славата, хедонизмот, туку емпатијата е нешто  што не разликува од другите битија на планетата, и затоа мора да ја култивираме“, вели Коциќ.

    Промотори на книгата беа: проф. д-р Марјан Младеновски од „Еуро Колеџ“ и Бобан Ѓорѓиевски, професор по англиски јазик во Школата за странски јазици „Левел“. Двајцата порачаа дека книгата се чита во еден здив и заслужува внимание.

    „Самата приказна се базира на еден контролиран конфликт помеѓу Истокот и Западот, односно помеѓу комунизмот и демократијата, но основата што ни ја открива е спрегата помеѓу бизнисот и политиката, и криминалот од другата страна, кој владее на Рајскиот остров со целосно инструирана пропаганда, односно медиумска поддршка. Во една таква ситуација настаните кои се одвиваат се како на подвижна лента, почнувајќи од шиунажа, контрашиунажа, активности на сеење на омраза, конструкција на непријатели, медиумски популизам, пропагирање на социјални нееднаквости,  хедонизам, присуство на измама, недоверба, лекомост, себичност, алчност, низ сите активности на некој начин се разоткрива мрачната реалност, во која ние денеска живееме“, кажа професорот Младеновски. 

    На промоцијата настапија ученици од Музичкото училишта „Панче Пешев“.

    Промоцијата ја организараше полициската асоцијација ИПА Регион Куманово и Лесковац.