Промовирани предностите од дигитализацијата на јавните услуги
На денешната трибина „Дигитализација на јавните услуги“, присутните можеа да се запознат со услугата која предвидува дигитализација на јавниот сектор.

Министерот на информатичко општество, Дамјан Манчевски, вели дека во моментот електронскиот документ е валиден како и оној на хартија, и затоа граѓаните ќе можат непречено да си ги извршуваат своите услуги електронски, без да чекаат на шалтер.
- Донекаде проблемот е што се` уште не секои институции го применуваат и ние тука работиме многу со дел од овие институции. На пример многу бргу со Министесрттвото за внатрешни работи ќе развиеме услугата за електронско внесување на сите потребни документи, докази коишто ви се потребни за издавање на лична карта или пасош, но физички ќе мора да одите да го подигнете. Во зависност од услугата е различно, се` што е возможно одиме да биде достапно електронски, иако мора да ја оставиме и другата опција што има граѓани што не се доволно навикнати,- додава министерот Манчевски.
Градоначалникот Максим Димитриевски, вели дека Општината во целост го поддржува овој проект, бидејќи се соочуваме со сериозни проблеми во делот на давање на сервисни услуги на граѓаните.
- Мора да констатирам дека се соочуваме со сериозни проблеми во делот на она што значи давање на сервисни услуги на граѓаните. А се разбира ќе има и дополнителна едукација на вработените во Општина Куманово. Сметам дека суштината е да им ја олеснме целата постапка на граѓаните и комуникацијата со надлежните државни органи, надлежните институции на локално ниво,- додава Димитриевски.
Во овој контекст, во претходните две години беа реализирани повеќе мерки и активности, насочени кон дигитализација на услуги и зголемување на ефикасноста во работењето на институциите.