Протест на жителите на „Киро Фетак“, бараат реконструкција на водоводната мрежа
Жителите на улицата „Киро Фетак“, денеска протестираа пред зградата на Општина Куманово, поради проблеми во водоснабдувањето и честите дефекти на водоводната мрежа.

Тие тврдат дека три недели немаат вода за пиење, поради што бараат од надлежните под итно да ги заменат старите водоводни цевки и да се нормализира водоснабдувањето, за да можат нормално да функнционираат.
„Како да сме некаде на периферија, а не во центарот на градот. Немаме вода по цел ден, имаме мали деца, стари луѓе, инвалиди. Не можеме веќе вака да живееме, се капеме кај соседите или носиме вода од бунари, а за пиење купуваме“, - се жалат жителите.
Тие истовремено ја повикаа Општината да инвестира во подобрување на условите за живот во нивната населба.
„Бараме целосно да смени водоводната и канализациона мрежа, да се донесе гасоводна мрежа и да се асфалтира улицата. Имаме проблем и со јавното осветлување, по цела година не ги менуваат изгорените сијалици. Ако се работи, да се направи како што треба, а не за некоја година пак да се копа и секој дена да се појавуваат нови проблеми“, - вели Неџмедин Јашари.
Директорот на ЈП „Водовод“ Горан Стојковски, објасни дека старата азбестна е поставена во 1968 година и заради тоа на неа има чести дефекти, но тврди дека не се точни обвинувањата дека жителите немаат вода по 24 часа на ден. Според него работите на терен се одвиваат до крајот на работното време, по што водата се пушта во домаќинствата. Тој најави дека проблемот ќе се реши наскоро.
„Изготвена е проектна документација за замена на водоводната мрежа на оваа улица и таа ќе влезе во програмата за работа на Општина Куманово на 15 ноември, по што ќе се распише тендер за нејзина реконструкција и водоводната мрежа ќе биде заменета. Ние секој ден сме на терен и не го решаваме само дефектот, туку и менуваме по 10 мерти од постоечката мрежа, за да не дојде до понатамошни дефекти. Во овој момент сменети се 120 метри од мрежата, од вкупно 290 метри“, - изјави директорот Горан Стојковски.
Стојковски ги повика жителите на „Киро Фетак“ да ги плаќаат сметките за вода, бидејќи потрошувачите од оваа улица му должат на претпријатието 2.85 милиони денари, средства кои меѓу другото се користат и за реконструкција на водоводната мрежа. На улицата има педесетина приклучоци за вода.
Претставници од жителите ги прими секретарот на Општината, Десанска Стошевска, но тие го напуштија состанокот барајќи да се сретнат со градоначалникот Максим Димитриевски, кој е на службен пат.
Улицата „Киро Фетак“ е во продолжение на м.в. „Орта бунар“ и има околу 500 куќи.