Протест против аерозагадувањето во Куманово - Бираме живот, а не бавна смрт
Стотина граѓани, организирани од граѓанската иницијатива „Македонија се гуши“, денеска во 5 до 12 протестираа во центарот на Куманово против екстремното загадување на воздухот.

Тие ги обвинија локалната и централната власт дека со години наназад не презема ништо за да се справи со проблемот на аерозагадување, кое секоја година им создава сериозни здравствени преблеми на граѓаните.
Куманово во последните месеци е еден од најзагадените градови во светот, со 10 пати поголема концентрација на ПМ 10 честички од дозволеното.
„Ова е граѓански крик, ова е повик за спас. Дигаме глас поради алармантната состојба со аерозагадувањето во Куманово, за да не чујат надлежните, градските власти и градоначалникот. Бараме да не се игнорира овој сериозен проблем и итни мерки, бидејќи нашите деца дишат отров. Биравме политичари кои нудеа решенија за чист воздух во својата програма и сега бараме и очекуваме конкретни и брзи решенија од нив. Бираме живот, а не бавна смрт. Човечкиот организам може да издржи без храна 30 дена, без вода 3 дена, но без водух само 5 мин. Ќе ги чекаме ли последните 5 минути да најдеме решение “, - изјави Фросина Георгиевска, активистка на „Македонија се гуши“.
Таа додаде дека аерозагадувењето е главната причина за порастот на ракот на белите дробови кај кумановчани.
Поради тоа до Општината предложи краткорочни мерки, како што се: рестриктивно движење на автомобили во централното градско подрчје, бесплатен јавен превоз во зимските месеци, ваучери за купување на велосипеди, субевнционирање за грење на палети и др.
Од протестот беа испратени и предлози за долгорочни мерки, одвојување најмалку 5 отсто од буџетот на Општината Куманово да се инвестира за чиста животна средина, да се интензивира гасификацијата, да се изградат нови зелени површини, масовно пошумување, градски превоз на метан и решавање на проблемите во урбанистичкиот хаос.
Предложените мерки ќе бидат доставени до градоначалникот и Советот на Општина Куманово. Најголем дел од граѓаните кои денеска протестираа беа партиски активисти на опозицијата.