Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Владата на денешната седница не ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести за носење заштитна маска на отворено и за забрана за групирање по домови, со образложение дека за тоа треба да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
- Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести, - соопштуваат од Владата.
Комисијата за заразни болести предложи задолжително носење на заштитни маски или заштитна опрема (бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата), секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт. Исклучок ќе биде спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од предшколска возраст.
За забраната за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе, како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.