×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Психолошка поддршка за граѓаните во справување со последиците од коронавирусот

    18.05.2020 08:57 | KumanovoNews

    Општинската организација на Црвениот Крст од Куманово, повторно ја отвори линијата за психолошка поддршка на граѓаните, поврзана со коронавирусот.

    Психолошка поддршка за граѓаните во справување со последиците од коронавирусот

    На телефонскиот број 076/787-412 можат да се обратат граѓаните од Општина Куманово, Старо Нагоричане и Липково, секој работен ден од 10 до 14 часот и да добијат психо-социјална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од вирусот.

    Психолозите низ целиот свет веќе почнаа да ја изразуваат својата загриженост поради психолошка состојба на луѓето, пред се поради зголемениот број на разводи, семејното насилство, маргинализирањето на луѓето коишто биле инфицирани од вирусот, како и трауматските последици кои допрва доаѓаат, затворање во „четири ѕида“ и избегнување на комуникација, како што вели психологот Дивна Јакова задолжена за психо-социјална поддршка преку телефонските броеви, вакви состојби не изостануваат и во Куманово.

    Досега на телефонскиот број се обратиле над сто и дваесет луѓе од Куманово. Воглавно, станува збор за повозрасна категорија на граѓани.

    „Од една страна, состојбата со коронавирус создаде луѓе коишто ја сфатија суштината на живеењето, колку е важно семејството, комуникацијата, здравјето. Тоа се луѓе кои во суштина можат да го сменат текот на општеството, но од друга страна оваа глобална пандемија и затвореност во домот, доведе и до поголеми трауми. Голем дел од луѓето се обвинуваат дека тие дома го донеле вирусот и дека поради нив умрел некој нивен близок, па се јавува грижа на совест. Затоа овде од особена важност е нашата поддршка“, вели психологот Јакова,  којашто е долгогодишен тренер за прва психолошка помош во кризна состојба.

    Како што потенцира таа, најчестите симтоми на коишто се пожалиле граѓаните се стравот, беспомошноста, агресијата, бесот, лутината како и вознемиреноста.

    „Јас сум пријатно изненадена од бројот на кумановци коишто се јавуваат за психолошка поддршка. Во текот на денот може да се јават и до пет-шест луѓе. Да се побара психолошка поддршка воопшто не е страшно, затоа што тоа е здраво. Подобро е да се побара помош, отколку да се остави стресот подоцна да се манифестира во  ментално растројство или пак соматска болест. Дел од луѓето во разговорот ми рекоа дека им било непријатно да се јават, но дека по разговорот почувствувале потреба повторно да ме побараат“, додава психологот Јакова.

    Во првиот период од појавата на коронавирусот, како што ни објаснува таа, најчесто ѝ се јавувале луѓе коишто се егзистенцијално загрозени и осамени, но подоцна почнале да се јавуваат и луѓе коишто биле заразени од вирусот или пак имале во семејството некој кој починал од КОВИД-19, како и луѓе коишто претходно имале некое психичко растројство, а во текот на пандемијата се интензиривало.

    „Се обидувам да обезбедам техника на релаксација, за анксиозноста и стресот да се намалат, техники за зајакнување, подобра комуникација итн. Во петнаесен минутен разговор тоа не може да се спроведе, но им ја кажувам постапката за тие да се обидат сами. Најчесто, луѓето повторно ми се јавуваат и ми кажуваат дека се чувствуваат подобро. Имало и ситуации кога само сум требала да ги ислушам. Воглавно, им кажувам како да си направат одбрамбени механизми за да се справат со стресот и стравот од непознатото, да се доближат до семејството, да не се оддалечуваат во комуникацијата, да прават нешто кое ги прави задоволни и да не се плашат да побараат помош“, додава психологот.

    За првпат телефонските линии за психо-социјална поддршка на граѓаните, Општинска организација на Црвен крст Куманово, ги отвори на 20 март. Од Црвениот Крст Куманово, велат дека и понатаму ќе продолжат да им помагаат на граѓаните, во рамките на нивните можности.