Мени

Ќе има смени од првиот до последниот ешалон таму каде што не се работело, најави Димитриевски

17.11.2025 12:15 | Сузана Николиќ

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најави кадровски промени на раководните позиции во Општина Куманово и во јавните претпријатија по стапувањето на должноста во третиот мандат.

Ќе има смени од првиот до последниот ешалон таму каде што не се работело, најави Димитриевски

„Промени ќе има секаде каде што е согласно со важечките законски решенија кои се на сила, бидејќи за поставување и разрешување на раководители во Општината постои посложена постапка, каде што не можат лесно да се разрешат. Но, дефинитивно ќе има промени од првиот ешалон па сè до последниот, секаде каде што има забелешки во работата на поединци, бидејќи ниту еден систем не може да почива на добра волја на поединецот, туку треба да се гради систем кој ќе биде во функција на граѓаните“, изјави Димитриевски.

Промени на раководните позиции по изборите се очекуваат и поради распределбата на функциите со коалициските партнери: ВМРО-ДПМНЕ, ДПСМ и ВЛЕН.

Неофицијално, ЈП „Чистота и зеленило“ треба да припадне на ВМРО-ДПМНЕ, која би ги задржала и ЈП „Куманово-гас“ и „Куманово-план“. ВРЕДИ ќе остане во ЈП „Пазариште“, а ЗНАМ во ЈП „Водовод“ и ЈП „Куманово-паркинг“. Директорска позиција ќе добие и ДПСМ во една од јавните установи. 

Во моментот, менаџерски договори на уште две години имаат само директорите на „Водовод“, Оливер Стојмановски, и на „Куманово-гас“, Марко Митровски. Останатите:  Ненад Стојановски во „Чистота“, Андреја Маџовски во „Куманово-паркинг“, Влора Ибраими во  „Пазариште“ и Анета Шандева во „Куманово-план“ се в.д. директори.

Директорите на Библиотеката, Интернатот, Старскиот дом, како и оние во основните и средните училишта, имаат важечки менаџерски договори.

Според наши извори, преговорите сè уште траат и засега не е познато кои ќе бидат новите раководители, но сигурно е дека ќе има промени во дел од тековните раководни структури во јавните претпријатија и во општинската администрација.