Работниците со пили и мотокултиватори да останат во центарот на градот, бара ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека им го зема лебот на работниците кои сечат огревно дрво и вршат превоз со мотокултиватори, бидејќи ги отстранила од улицата зад Занатскиот дом и кај Зеленото пазарче на „Октомвриска револуција“.

„Деновиве многу наши сограѓани, пред се од ромска националност кои за парче леб заработуваат преку превоз и складирање на огревно дрво и други услуги, се пожалија дека актуелната власт ги спречува да работат. Реагираат со солзи во очите дека власта им забранува да ги користат превозните средства, како што се разни приколки и мотокултиватори, со чија помош обезбедуваат, каква таква егзистениција за нивните семeјства„,- изјави советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Јовановска на денешната прес-конференција на расчистената улица зад Занатскиот дом.
Полицијата минатата недела ги отстранила сопствениците на пили и возила за сечење дрва и превоз од двете локации, затоа што создаваат метеж во сообраќајот и узурпираат јавна површина во центарот на градот, притоа ги упатила услугите да ги вршат спроти маркетот „Туш“ на простор определен од општината за таа намена.
Загрижени за ваквата состојба од ВМРО-ДПМНЕ ја повикуваат актуелната власт да покаже поголема човечност и осет за реалната економска ситуација со цел да се најде вистинскиот модел кој ќе ги задоволи обврските кон државата, но пред се кој нема да остави илјадници граѓани во егзистенцијална неизвесност.