Распишан конкурсот за шегобијни песни „Тумба фест“
Здружението за уметност, култура и заштита на културното наследство „Ризница“ од Куманово распиша конкурс за нови композиции на македонска новосоздадена народна шегобијна песна за меѓународниот фестивал „Тумба фест 2020“.

- Второто издание на возобновениот фестивал ќе се одржи на 23 септември во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Се надеваме на едно квалитетно издание на задоволство на публиката, но и на нас организаторите кои вложуваме многу труд и енергија фестивалот да си го добие местото кое што заслужува, - изјави Драган Митевски, директор на Фестивалот.
На конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи кои ги поседуваат потребните квалификации, а ќе трае да 30 мај годинава.
Еден автор на музика или текст може да учествува најмногу со две авторски дела, додека пак еден автор на аранжман може да учествува најмногу со три авторски аранжмани.
Материјалите треба да се пратат под шифра и треба да ја имаат следната содржина:
- да се испрати текст и снимна на македонски јазик-кумановски дијалект, во исклучителни случаи може и само на македонски јазик, но и на дијалект различен од кумановскиот, исклучиво од шегобиен карактер;
- наслов на композиција;
- композициите претходно да не бидат изведувани;
- податоци за авторите (име, презиме, авторска улога во тимот) и контакт информации.
Изборот на композициите што ќе бидат премиерно изведени на фестивалот на новосоздадени македонски народни шегобијни песни „Тумба фест 2020“ ќе биде направен од страна на стручна комiсија.
Организаторот ќе издаде носач на звук и ДВД издание од фестивалот, а со автори чии дела ќе бидат избрани на конкурсот ќе склучи договор и ќе им исплати надомест.
Минатата година како најслушана се издвои песната „Кумановке фраерке„ во изведба на „Челик бенд“ од Куманово.