Расте бројот на сообраќајни несреќи поради неодговорно однесување на учесниците во сообраќајот
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), апелира секој учесник во сообраќајот да преземе поголема лична одговорност и целосно и безусловно да ги почитува сообраќајните правила и прописи.

„Максимално почитување на поставената сообраќајна сигнализација е обврска на секој учесник во сообраќајот без разлика дали станува збор за пешак, велосипедист, мотоциклист, или возач. Да продолжиме да ја градиме и да ја менуваме сообраќајната култура, почнувајки секој од себе, преку личен пример и позитивен придонес, за помалу жртви и поголема безбедност на улиците и патиштата“, - соопштуваат од РСБСП.
Примери на секојдневната сообраќајна негрижа се возачи кои достигнуваат преголеми и неразумни брзини во или надвор од населеното место, пијаните возачи, патниците кои не користат безбедносен појас, неправилно паркирани возила, мотоциклистите без заштита, велосипедистите без осветлување и пешаците коишто се движат надвор од тротоарот. Последиците ги трпат сите учесници во сообраќајот, а цената за нивната негрижа се изгубени човечки животи.
„Она што дополнително загрижува, е фактот што учесниците во сообраќајот во голем дел не се ни свесни за грешките и пропустите кои секојдневно ги прават во сообраќајот и на тој начин одредени опасни појави преминуваат во секојдневна лоша навика која често значи и причина за изгубен човечки живот“,- соопштуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во Македонија, годишно во просек околу 160 лица го губат својот живот во сообраќајна несреќа, а околу 6000 се тешко повредени. Во 2018 година 133 лица го загубиле својот живот во сообраќајна несреќа, а дури 5.860 биле тешко повредени.