„Ред за Куманово“ ги обележи дупките за да ја потсети локалната власт да ги закрпи
Граѓанската иницијатива „Ред за Куманово“ - Диро, започна герила-акција за обележување на дупките во градот, за да ја потсети локалната власт дека треба да ги закрпи.
Во изминатите неколку денови тие ги заокружуваа оштетувањата на улиците и тротоарите, а ги повикаа и граѓаните да им се придружат во „боењето“ на проблемите.
Акцијата, како што посочуваат, е организирана како потсетување дека и по 100 дена од добивање на новиот мандат, локалната власт не презела доволно мерки за подобрување на состојбата во градот.
„Кумановци, возачи и пешаци, наши напатени сограѓани, поминаа 100 дена од раководењето со Општината. Барем за тоа време неколку кратери на улиците можеа да се поправат. Зарем градските власти не ги забележуваат? Почнуваме да се сомневаме дека се исмеваат со трпението на граѓаните“, стои во повикот.
Тие ги повикаа граѓаните да им помогнат на надлежните да ги видат проблемите и да почнат да ги решаваат.
„Да им бидеме граѓанска навигација и да им ги заокружиме дупките со спреј – не мора во сина боја, може и златна, розева, како нивните „очила“ преку кои ни намигнуваат секој ден. На пропаднатите одводни решетки да ставиме интерпункциски знаци, а таму каде што има ѓубре да обележиме со зелена боја во форма на лист. Да ги одведеме до местата на кои не се чувствуваме безбедно. Да видат колку си го сакаме градот и колку им помагаме и тие да го засакаат“, се вели во повикот на иницијативата.