Рекреативно секојдневие за корисниците во Домот за стари лица во Куманово
Со креативни работилници се исполнува времето на корисниците на услугите во Домот за стари лица „Зафир Сајто" во Куманово.

Со цел да им се овозможи подобар психосоцијален третман, работилниците се оддржуваат секојдневно во две групи, а можат да ги посетуваат сите корисници, кои се во добра здравствена состојба.
Елмира Амети, работен терапевт, вели дека целта на овие работилници е социјално ангажирање на постарите луѓе преку изработување на одредени предмети, плетење или цртање, боење, со цел тие да се чувствуваат корисно во заедницата, а воедно и да се дружат.
- На работилниците играат друштвени игри, понекогаш сакаат и да гледаме филмови, па се сеќаваат на нивното време. Но, особено се радуваат кога имаме некоја презентација од страна, тука доаѓаат од „Порака Наша“, речиси од сите училишта, а учениците од фризерска струка и им ги бојадисуваат косите, па им прават фризури, - објаснува работниот терапевт.
Таа додава и дека овие работиници се особено важни и од психолошки аспект, затоа што постарите луѓе имаат потреба од заедничко дружење, разговор и сослушување.
- Едноставно овие работилници им помагаат на луѓето и од психолошки аспект, затоа што тие овде освен што работат нешто, тие си разговарат и си споделуваат најразлични спомени. Не им е здодевно. Ова е навистина убаво поминато време, а еве, им се радуваме и на сончевите денови, затоа што кога ќе излезе сонце излегуваме и ние на терасата на кафе муабет. Едно од најважните работи е сослушувањето и разговарањето со постарите лица,- вели Елмира.
Стојанка Митевска која веќе две години е во Домот за стари лица „Зафир Сајто“, вели дека постојано ги посетува работилниците, а посебно сака да плете калчинки.
- Јас сакам само да плетам, затоа што само за тоа ми одговара за рацете. Инаку, нема што не плетам, сега сум насочена кон калчини, а можам и да ги подарам и да ги продавам. Еден пар чини 100 денари, ако сакате можете и да купите, - додава старицата.
Нејзината пријателка Пенка Додевска (75), вели дека на работилниците не може да плете поради оштетениот вид, но дека тоа не ја спречува да игра некоја друштвена игра.
- Јас имам многу плетени работи, но тие ми се дома. Сега видот ми наслабнува и не можам истото да го правам, затоа што треба да се штирка. Јас на работилниците најмноу одам за дружење, особено ми се интересни игрите кога играме „Не лути се човече“ или пак карти. Тие работилници се за сите нас, но на нив правиме кој што може,- вели Додевска.
Од Домот за стари лица "Зафир Сајто" велат дека нивната грижа за постарите лица не престанува тука и дека во моментот работат и на изготвување програма за психолошки работилници, во кои преку групни сеанси ќе може да се работи и на подобрување на нивната психолошка состојба.
(Ф.М)